Струја, пат и вода за пиење во прилепската ромска населба „Три багреми“

PRILEP

Ќе се подобрат условите за живот на Ромите, особено во населбата „Три багреми“ под Марковите Кули во Прилеп, најави министерот за имплементирање на националната стратегија за подобрување на животот на Ромите во Македонија, Самка Ибраимоски по денешната средба со прилепскиот градоначалник Илија Јованоски.Приоритет се, рече Ибраимовски, доведување елекрична струја во домаќиствата, пристапен пат и вода за пиење.

Потврди дека со одлука на Владата е набавен нов трансформатор за напојување со електрична енергија на населбата „Три багреми“ каде живеат околу 800 граѓани и најголемиот дел немаат легален приклучок за струја. – Со градоначалникот Јованоски го прецизиравме решавањето на проблемот со електрична струја за жителите од населбата „Три багреми“. Наскоро трансформаторот ќе биде поставен.

Освен тоа, се договоривме да го решиме проблемот со водоснабдувањето во тој дел во наредните неколку месеци, зашто реално е тешко тоа да се изведе до крајот на годинава. Пристапниот пат до населбата ќе биде направен до крајот на оваа година, барем ќе биде тампониран, а од временските прилики ќе зависи дали ќе биде и асфалтиран. Многу е битно и чистењето на Дабнички канал за да се обезбеди здрава средина.

Ова мора да се направи зашто Прилеп е вор град во земјава каде живеат најмногу Роми, изјави Ибраимоски. Наредната година, според Ибраимоски, ресорното Министерство ќе се фокусира во сферата на домувањето на Ромите, а во финансирањето на приоритетните проекти со струјата и патот до населбата три багреми ќе учествуваат државата и прилепската локална самоуправа.

– Имаме средства за инфраструктурни проекти. Ќе финансираме поставување на трафостаницата и дел за изградба на пристапниот пат, а со свои средства ќе учествува и прилепската локална самоуправа. Во 2018 година ќе ги ревидираме и акциските планови за Ромите, а приоритет ќе им дадеме на горливите проблеми, рече Ибраимоски.

Според Јованоски, крајно време е да се подобрат условите за живот на ромското население, посебно во населбата „Три багреми“. – Приоритет во наредните два месеца ќе бидат доведувањето на трафостаницата во населбата, пристапниот пат и водоснабдувањето.

Денеска ја договоривме и стратегијата за решавањето на сите проблеми со кои се соочува ромското население, воопшто, во Прилеп, изјави Јованоски. Во Прилеп живеат околу 5 000 Роми.

You may also like...

Sorry - Comments are closed