„Мартинки“ и „Хидрелез“ се двете нови културни добра што влегоа на Репрезентативната листа на УНЕСКО

HERDELEZI

„Културните практики поврзани со 1 март – Мартинки“ и „Пролетната прослава Хидрелез“ се новите две културни добра од Република Македонија впишани во УНЕСКО-та Репрезентативна листа на нематеријалното културно наследство на човештвото.

На 12-от состанок на Меѓувладиниот комитет на УНЕСКО-вата Конвенција за заштита на нематеријалното културно наследство на човештвото, кој се одржа од 03 до 10 декември 2017 година на островот Џеџу во Јужна Кореја, 24 членки држави на комитетот на оваа Конвенција ги одобрија двете мултинационални номинации во кои учествуваше Република Македонија и кој процес траеше скоро 5 години, извести доц. д-р Велика Стојкова Серафимовска, УНЕСКО-ов лиценциран Експерт за заштита на нематеријално културно наследство.

Mтинационалната апликација за впишување на „Пролетното празнување Хидрелез“ како дел од светското нематеријално културно наследство започна во 2012 година на иницијатива на Националната комисија на УНЕСКО за Турција. Иако на самиот почеток во оваа апликација беа вклучени седум земји од регионот на југоисточна Европа, завршната апликација ја поднесоа само Република Македонија и Турција. Овој пат Република Македонија впиша нематеријално културно добро кое се однесува на малцинствата во државата и тоа Хидрелез кај Турците и Ерделези кај Ромите во Република Македонија.

До сега Република Македонија има вкупно пет впишани нематеријални културни добра на светските листи на УНЕСКО и тоа: „Свети четириесет маченици во Штип – Четрсе“ (2013); „Копачката – социјално оро од с. Драмче, Пијанец“ (2014); „Културните практики поврзани со 1 март – Мартинки“ (2017) и „Пролетната прослава – Хидрелез“ (2017), впишани на Репрезентативната листа на нематеријалното културно наследство и „Гласоечко, машко двогласно пеење од Долни Полог“ (2015) впишано на листата за ургентна заштита.

You may also like...

Sorry - Comments are closed