Дескоска: Ромите имаат обврска да го чуваат својот јазик, но државата има обврска да создава услови за тоа

DESKOSKA

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и министерката за образование и наука Рената Дескоска, присуствуваа на одбележувањето на Светскиот ден на ромскиот јазик, настан во организација на министерот без резор задолжен за имплементација на Националната стратегија за подобрување на состојбите на Ромите, Самка Ибраимовски.

Во своето обраќање, министерката Дескоска истакна дека Ромите имаат обврска да го чуваат својот јазик, но дека државата има обврска да создава услови за тоа затоа што јазикот е суштински елемент на секоја култура и заедница.

“Република Македонија го препозна значењето на гаранитирањето на јазичните права на заедниците, бидејќи јазикот е обележје на припадност на една заедница, и обидот за негирање на јазичните права се знак за нетолеранција и обид за дискриминација. Тргнувајќи од ваквото сознание, Владата на Република Македонија промовира политика на општество еднакво за сите“, изјави министерката Дескоска.

“Тоа опфаќа и гаранција за унапредување јазичните права на сите заедници кои живеат во РМ, вклучувајќи го и ромскиот јазик. Тоа значи градење на политика за употреба на јазиците која што ќе се заснова на принципите на толеранција и соживот, политика на промоција на јазичните права, политика која што нема да создава граници помеѓу луѓето и власта, ниту пак помеѓу луѓето кои што зборуваат различни јазици“, потенцираше министерката Дескоска.

Министерката Дескоска истакна дека во образовниот систем на Република Македонија постои потреба од унапредување на изучувањето на ромскиот јазик, но дека исто така постојат и проблеми во остварување на ова право поради недостаток на соодветен наставен кадар.

“Проблемот со недостаток на наставен кадар се обидуваме да го надминеме со стипендирање на студенти Роми од јавните и приватните високообразовни инстутуции и универзитети, и со програми за туторство на студенти Роми“, изјави министерката Дескоска.

Министерката Дескоска потенцираше дека во моментот во училиштата постои можност да се изучува предметот Јазик и култура на Ромите, но само за оние одделенија за кои што има учебници, односно за 3-то, 4-то и 5-то одделение, затоа што за останатите одделенија учебниците не се изготвени.

You may also like...

Sorry - Comments are closed