Џафери: Седницата за нова влада зависи од мандатарот

ЏАФЕРИ

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, изјави дека го радува тоа што претседателот Иванов го додели мандатот и дека закажувањето на собраниската седница за состав на владата ќе зависи од мандатарот.

Закажувањето на собраниската седница за избор на нова влада сега ќе зависи од мандатарот, кој треба да ми достави програма и предлог за нова влада, изјави денеска претседателот на Собранието, Талат Џафери, откако во Основното јавно обвинителство даде исказ за насилниот упад на демонстрантите на 27 април во Парламентот.

Тој посочи дека го радува фактот што претседателот Ѓорге Иванов го исполнил ветувањето и со тоа во крајна инстанца придонел да не се создава лоша пракса во Собранието.

„Придонесе да не се создава лоша парламентарна пракса, во смисла на одлучување индивидуално по нечија волја да сака или да не сака да исполнува обврски. Но, верувам дека ќе има време, додека е надвор од државата, со ладна глава да размисли колку тој со своите постапки, односно непостапки, придонел кон состојбата во земјата. Во смисла на тоа што ни се случи на 27 април и веројатно ќе рефлектира кон тоа да се свести и веќе да не си допушти, ниту Иванов, ниту кој било друг носител на јавна државна функција, да не ги презема обврските и надлежностите кои му следуваат. Сметам дека ова е патот кој што се отвора и формално да стартуваат сите процедури како што доликува на парламентарното мнозинство“, изјави Џафери.

Тој додаде дека седницата за измени на законот за локални избори ќе се одвива паралелно штом за тоа до него ќе бидат доставени материјалите. Џафери објасни дека се уште не се формирани пратеничките групи, затоа што до него не се испратени дописи за групирање на пратениците и дека со сега контактира само со пратеници.

На новинарското прашање дали контактира со пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и каков е исходот од таквата комуникација, Џафери одговори дека е претседател на сите пратеници.

„Сите мостови не сум ги срушил пред себе, сум оставил можност и пред себе да имам мост и позади себе да имам мост, за да можам да комуницирам со сите што треба да се комуницира. Јас сум претседател на Собранието и не можам да се однесувам како личност, како што смета некој. Но, претседателот на Собранието соодветно постапува, оставена е можност за комуникација и таа комуникација постои со соодветни одговори за обврските“, изјави Џафери.

You may also like...

Sorry - Comments are closed