Шилегов: Груевски очајно се обидува повторно да стане фактор

SILEGOV

Очекуваме дека ќе има силна осуда на говорите на политичко насилство и повиците на политичко насилство кои ги промовираше Никола Груевски.

Очекуваме еврокомесарот Јоханес Хан при утрешната посета на Скопје да ги пренесе препораките кои веќе се дадени од Европската комисија, од Советот на министри на ЕУ, од Могерини, а тоа е дека во Македонија мора да се врати уставниот поредок, рече портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција.

– Очекуваме дека тоа ќе биде пораката пратена до Иванов и Груевски, очекуваме дека ќе има силна осуда на говорите на политичко насилство и повиците на политичко насилство кои ги промовираше Никола Груевски – рече Шилегов, прашан кои се очекувањата на СДСМ од утрешната посета на странските дипломати.

На прашање, дали од СДСМ ќе го прифати политичкиот документ кој го најави претседателот на ВМРО-ДПЛМНЕ Никола Груевски, Шилегов рече:

– Груевски ја создаде оваа криза. Никола Груевски не може да биде дел од решението на оваа криза. Дефакторизираниот Груевски очајно се обидува повторно да стане фактор во Република Македонија. Македонија му кажа збогум и тој е минато во политиката на Македонија“.

Коментирајќи ги дојавите кои, како што рече дека, ги имале во СДСМ од загрижени родители за наредбата нивните деца утре да бидат носени на големиот протест во Сопје, Шилегов изјави дека е очигледно дека обидувајќи се да избегне од криминалите, обидувајќи се да избегне одговорност, Груевски не мисли на ништо, вклучително и на безбедноста и на животите на најмладите.

– Да злоупотребуваш малолетници за политички цели зборува за паниката во која се наоѓа Никола Груевски – изјави Шилегов.

You may also like...

Sorry - Comments are closed