Турција ќе ги зголеми трошоците за војската

ERDOGAN

Турција ќе ја модернизира војската со дополнителни 2,2 милијарди долари. Курдите, со кои војуваат десетици години, изгласаа независност во соседен Ирак. Претседателот Ердоган се закани со санкции и блокади.

Според новиот нацрт-закон, во план е зголемување за трошоците за одбраната за 2,2 милијарди долари со цел да се модернизира војската на Турција. Една од причините за предлогот на официјална Анкара е и изгласаниот референдум за независност на Курдите во Ирак, поради кој претседателот Реџеп Таип Ердоган разгледува и воени мерки. Властите се загрижени дека ќе се зголемат тензиите со сепаратистите на нивни терен, со кои водат тридецениска војна.

„Референдумот нема значење. Кој ќе ви ја прифати независноста? Израел? Израел не е целиот свет. Косово е признаено од стотина земји, па пак има проблеми. Курдите во Ирак не се разбираат во политика и не знаат како да бидат држава. Ние ќе се држиме до санкциите. Ако го блокираме нафтоводот, готови сте. Ќе ви ги блокираме приходите, камионите со храна за северен Ирак. Принудени сме на тоа. Имаме и воени санкции и за воздухопловството и за копното“, изјави претседателот на Турција, Ердоган.

Официјален Багдад смета дека референдумот е неуставен. Соединетите Американски Држави, големите европски земји и соседен Иран го гледаат како обид за дестабилизација во период кога се води борба против милитантите на Исламската држава. Турција, Либан и Египет најавија прекин на летовите до и од курдскиот регион во Ирак. Како контрамерка, официјален Багдад се закани со забрана на сите меѓународни летови во Курдистан.

На историскиот референдум во Ирак скоро 93 насто гласале за независност. Курдите се четвртата по големина етничка група на Блискиот Исток, но немаат своја држава. Во Ирак сочинуваат од 15% до 20% од населението од 37 милиони жители. По неколкудецениско угнетување, добија автономија во 1991 година.

You may also like...

Sorry - Comments are closed