Трето полувреме на конститутивната седница на Собранието

SEDNICA

Експертите без став околу начинот на кој се опструира изборот на претседател на Собрание и колку време ќе трае оваа седница. ВМРО – ДПМНЕ вчера понуди „патоказ“ за излез од политичката криза но од СДСМ, ДУИ, БЕСА и Алијансата на Албанците го оценија како патоказ за целосна изолација на државата
Конститутивната седница на Собранието продолжи по трет пат а пратениците, претежно од ВМРО – ДПМНЕ, продолжија со бесконечните реплики и контра реплики од говорницата. На дневен ред сеуште е точката за избор на претседател на Комисијата за избори и именувања каде е предложен пратеникот од редовите на ВМРО – ДПМНЕ, Илија Димовски.

Денешната серија реплики ја отвори пратеничката Владанка Авировиќ, а потоа Илија Димовски им реплицираше на уште неколку пратеници. Темите се исти, двојазичноста и кантонизацијата и т.н. „Тиранска платформа“. Од ВМРО-ДПМНЕ побараа пред пратениците да биде претставен Законот за јазиците кој, како што наведоа, го договориле ДУИ и СДСМ. Пратениците на СДСМ продолжуваат со обвиненијата дека нивните колеги од ВМРО-ДПМНЕ, со долгите реплики и контра реплики ја узурпираат седницата и го блокираат изборот на претседател на Собранието. За расправа се пријавени вкупно 57 пратеници, од кои 51 се од ВМРО-ДПМНЕ, а во овие три дена своето право го искористија само двајца, Антонио Милошоски и Илија Димовски.

Експертите засега се без став дали пратениците од ВМРО ДПМНЕ го кршат Деловникот на Собранието и колку време би можело да трае оваа седница. Единствено поранешниот претседател на Собранието, Стојан Андов, рече дека парламентарното мнозинство, мислејќи на СДСМ, ДУИ, БЕСА и Алијансата на Албанците, треба и мора да ги остави пратениците на ВМРО – ДПМНЕ да ја завршат дискусијата и да ги исцрпат сите предлози, без разлика дали тоа ќе трае 15 дена, еден месец или повеќе.

Престедавачот Трајко Вељановски и денес побара од пратениците да се откажат од расправата за да се забрза работата но не наиде на разбирање од неговите сопратијци. СДСМ завчера го предложи Талат Џафери од ДУИ за претседател на Собранието со надеж дека ќе ја скрати постапката но според собранискиот Деловник претседател може да кандидира и Комисијата со која треба да претседава Димовски и друга група на пратеници која ќе собере 20 потписи за кандидатура. Токму на Деловникот се повикуваат пратениците од ВМРО – ДПМНЕ кои сметаат дека „дебатата“ мора да продолжи.Вчера ВМРО – ДПМНЕ го претстави својот „патоказ“ за излез од политичката криза кој содржи пет точки. Политичките опоненти сметаат дека патоказот ќе доведе кон целосна политичка и економска изолација на државата.

You may also like...

Sorry - Comments are closed