Татко и син приведени за нападот и влечењето на Села, друг осомничен признал дека го нападнал Заев

TATKO I SIN

Татко и син од Скопје се приведени под сомнение дека го нападнале и го влечеле пратеникот Зијадин Села, а едно лице е повикано на информативен разговор како осомничено за нападот на лидерот на СДСМ Зоран Заев и за фрлање столови кон вработени во обезбедувањето.

К.Ѓ. (39) и неговиот татко Ц.Ѓ. (68) се осомничени за нападот на Села и за кривичното дело учество во толпа што ќе изврши кривично дело, а И.К. (37), осомничен за нападот врз Заев и обезбедувањето, е осомничен за учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејство.

Од полицијата соопштуваат дека во домот на K.Ѓ. со наредба на судија на претходна постапка извршен е претрес и биле најдени и подигнати патики со „траги слични на крв“, облека и три мобилни телефони што биле одземени. Било утврдено дека дека во салата 3, каде што се одржувала прес-конференција, Ц.Ѓ. најпрвин фрлил стол, а К.Ѓ. фрлал разни предмети кон присутните пратеници, по што двајцата заедно физички го нападнале и го влечеле пратеникот Зијадин Села. Во соработка со Основното јавно обвинителство Скопје, во моментов полицијата за овие две лица презема дејства за што, како што велат, јавноста ќе биде известена.

За време на информативниот разговор во полицијата И.К. (37) од Скопје потврдил дека влегол во салата каде што се одржувала прес-конференција, со употреба на физичка сила го нападнал пратеникот Зоран Заев и фрлил стол кон вработени од обезбедувањето. По извршениот разговор, лицето е ослободено и против него ќе биде поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење службено дејство.

Од СВР Скопје информираат дека во врска со настаните во Собранието сè уште се работи и се повикуваат лица на разговор.

You may also like...

Sorry - Comments are closed