СЈО: Груевски осомничен за перење пари и местење тендер за патишта

GRUEVSKI

Според доказите до кои дошла истрагата,претседателот на ВМРО-ДПМНЕ од 2009 до 2015 година спротивно на законските одредби овозможил финансирање на партијата, заради зацврстување на политичката моќ во партијата и државата

По 1.000 процесни дејства, сослушани над 260 сведоци, 230 барања за податоци од правни лица, обезбедени над 11.000 уплатници од деловните банки, како и 300 страници анализиран материјал, Специјалното јавно обвинителство ја отвори првата истрага за кривичното дело „перење пари“.

Истрагата под име „Талир“ се однесува на финансирањето на партијата ВМРО-ДПМНЕ, а првоосомничен е лидерот на партијата. Во истрагата се осомничени вкупно 14 лица, а СЈО денеска ќе побара привремена мерка за замрзнување на партискиот имот, но не на целиот, туку само на делот за кој постојат докази дека е предмет на кривичното дело.

Според доказите до кои дошла истрагата,претседателот на ВМРО-ДПМНЕ од 2009 до 2015 година спротивно на законските одредби овозможил финансирање на партијата заради лични цели- зацврстување на неговата политичка моќ во партијата и државата.

Осомничените преку месните организации переле пари, внесувајќи ги на жиро- сметката на партијата, со употреба на неточни податоци и со злоупотреба на лични податоци. Во истражуваниот период на партиската сметка биле внесени 4 милиони и 900.000 евра.

Средствата потоа биле користени за исплата на редовни обврски, маректинг, хотелски и кетеринг услуги, но и за купување недвижен имот, со околу 70 договори. Истрагата утврдила и дека дел од купениот имот не се користил за партиски цели. Во истрагата влегува и договор за соинвеститорство на Бетон АД – Скопје, во кој бил утврден несразмер на правата и обврските, а со оглед дека Бетон вршел услуги кон партијата, не можел да биде и нејзин донатор.

Анализата на податоците за приливите на партиската сметка преку членарини јасно покажала и дека тие се вршат во одредени денови и дека уплатниците биле пополнувани со ист ракопис.

You may also like...

Sorry - Comments are closed