Страшен земјотрес на границата на Иран и Ирак, најмалку 332 мртви

ZEMJOTRES

Најмалку 332 лица загинаа во Иран и во Ирак во земјотрес со јачина од 7,3 степени по Рихтер кој синоќа го погоди пограничниот регион на двете земји. Спасувачките служби продолжуваат да трагаат по преживеани, пренесуваат агенциите.

Иранското министерство за внатрешни работи објави дека според последните информации во Иран во земјотресот на северот на земјата загинале 328 лица. Тие соопштија дека 2.500 луѓе се повредени, а се стравува дека бројот на жртвите ќе расте.

Во Ирак досега се потврдени четири смртни случаи.

Земјотресот се почувствувал во неколку ирански региони, а најтешко е погодена покраината Керманшах. Само во Сарпол е Захаб, оддалечен 15-тина километри од границата со Ирак, загинаа 97 лица.

Главната болница во тој град е тешко оштетена и во неа не можат да бидат згрижени стотиците повредени.

Се стравува дека бројот на жртви не е конечен бидејќи спасувачките служби се сѐ уште на терен.

„Под урнатините уште има луѓе. Се надеваме дека бројот на жртви нема многу да расте“, соопштија иранските спасувачки служби.

„Имајќи предвид дека земјотресот се случи ноќе, на хеликоптерите им е отежнато летањето, а некои улици се целосно уништени… Стравуваме поради ситуацијата во оддалечените села“, изјави иранскиот министер за внатрешни работи Абдолрез Рахмани Фазли.

На ирачка страна, курдските власти соопштија дека четири лица загинале а дека најмалку 50 се повредени. Земјотресот најмногу штета предизвикал во градот Дарбандикхан, каде се повредени над 30 луѓе, а главната болница е оштетена па повредените се превезуваат во болницата на главниот град на покраината Сулаиманијах.

Земјотресот се почувствувал и во главниот град на Ирак, Багдад, како и во најголемиот курдски град во Ирак, Ербил.

Жителите на Дијарбакир, најголемиот курдски град во југоисточна Турција, исто така го почувствувале земјотресот, но засега нема информации за жртви или штета.

You may also like...

Sorry - Comments are closed