Селмани: Никола Груевски е лично одговорен за нападот врз новинарите

СЕЛМАНИ

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, го обвини лидеро на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, дека е одговорен за нападот на новинарите што вчера се случи на протестот на „Иницијативата за заедничка Македонија“.

„Сакам да пратам порака дека било што да им се случи на новинарите од овој момент лично одговорен ќе го сметаме Никола Груевски и неговите пајташи. Зошто тој спречува нормален, мирен трансфер на власта во Македонија и за сите последици што ќе настанат ќе одат на негова адреса. Јас сум убеден дека еден ден правдата ќе го стигне и ќе одговара за ова малтретирање на целата македонска јавност“, изјави претседателот на ЗНМ.

Тој потсети дека во време на владеењето на Груевски во затвор однесе двајца новинари, во негово време имаше 40 напади врз новинари, се затвори најгледата телевизија А1, се води кампања за дискредитација и линч на новинари.

Селмани денеска имаше средба со Министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, кого го алармираше дека е загрозена безбедноста на новинарите и побара полицијата да ги заштити од насилници, бидејќи ако сега МВР и другите институции сериозно не реагираат може да има посериозни последици по животот на новинарите.

„Го замолив министерот да прати писмо до сите припадници на полицијата, на протести да внимаваат на безбедноста на новинарите. Одговорноста не е само да ги санкционираат кривичните дела, туку и да превенираат да не дојде до напади на новинарите“, изјави Селмани по средбата.

На изјавата на претседателот на ЗНМ реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во нивното соопштение до медиумите се вели „Насер Селмани лаже и манипулира поврзувајќи го ВМРО-ДПМНЕ со нападот на новинарите. Срамно и недостојно за некој што би требало да го брани и застапува независното новинарство.

Изјавата на Селмани е идентична со онаа што беше испратена од штабот на Бихаќка. Почесно ќе беше да се потрудеше да се избори за свое место во пратеничките редови на СДСМ, доколку има капацитет за тоа“, се вели во нивното соопштение.

You may also like...

Sorry - Comments are closed

Video

Follow Us