Проект: Како до помала дискриминација на Ромите

ЦАРОВСКА

Воведување на сегрегацијата како посебен вид дискриминација, говорот на омраза да се третира како кривично дело, подобрување на пристапот до правда, подигнување на свесноста за дискриминација, забрзување на процесот на легализација на ромските населби и помош за остварување на право на домување, помош на лицата Роми кои немаат документи да ги добијат, се дел од препораките произлезени од проектот „Од акција до еднакви права за Ромите“ презентирани денеска на тркалеза маса во Скопјe.

Препораките, како што беше посочено, имаат за цел да го подобрат статусот на граѓаните од оваа етничка заедница. Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска истакна дека се реализираат мерки со кои, како што рече, се унапредуваат правата и состојбата на Ромите во Македонија, но се планирани и дополнителни активности за наредната година.

Посочи на преземените чекори за решавање на проблемот со немањето лични документи, за инклузија на децата Роми во претшколските установи преку ослободување од плаќање за семејства во ризик, а привремено е решен и проблемот со Ромите кои живееа под скопското Кале.

Тие, посочи Царовска, се сместени во социјални објекти, а децата се вклучени во дневни центри. Додаде дека се уредуваат мини куќички во Визбегово каде што ќе бидат сместени. Исто така, рече направен е и список на социјални станови и ќе биде објавен оглас за прераспределба. За 2018 најави унапредување на домувањето, за што се издоени дополнителни 10 милиони денари.

Ферди Исмаили, извршен директор на Асоцијацијата за демократски рзавој на Ромите – Сонце, која работеше на проектот, посочи дека за подобро остварување на правата на Ромите е потребно во националните мрежи да бидат вклучени и други организации, а не само ромски, со цел и тие да дадат придонес за справување со отворените прашања.

Во минатото, додаде Исмаили, за ромските прашања работеа само ромски граѓански организации, а сега тоа се менува. Тој очекува новиот пристап да одговори на потребите на Ромите. Проектот е финансиски поддржан од Европската унија.

You may also like...

Sorry - Comments are closed