Продолжи конститутивната седница во Собрание

SOBRANIE

Со половина час доцнење, денес почна и второто продолжение на конститутивната седница на Собранието, на која се уште се расправа за третата точка од дневниот ред, односно за изборот на претседател, членови и нивни заменици на Комисијата за избори и за именувања. На почетокот на седицата, претседавачот со Собранието, Трајко Вељаноски, ги повика пратениците да се откажат од правото на збор за расправата да добие на динамика и поскоро да се премине на изборот на нов претседавач на Собранието, на што пратениците од ВМРО-ДПМНЕ бурно реагираа.

Во Собранието разврската сеуште останува неизвесна. ВМРО-ДПМНЕ постојано бара дистанцирање од т.н. платформа на албанците, а СДСМ вели дека противниците само купуваат време и го блокираат процесот. Од 50 пријавени пратеници од ВМРО-ДПМНЕ досега помина дискусијата само за излагањето на Антонио Милошоски. По него зеде збор Илија Димовски и во моментов во тек се реплики и контрареплики на неговото излагање.

Од коалицијата предводена од СДСМ процедурално збор зедоа Ферид Мухиќ и Горан Мисовски. Џевад Адеми од ДУИ побара да се „прекине комедијата” и да се изгласа Комисијата а потоа и претседателот на Собранието, бидејќи „квалитетот и интензитетот ќе опаѓа”. Жестока дебата имаше меѓу ДУИ и ВМРО ДПМНЕ. Адеми рече дека причината зошто ВМРО ДПМНЕ не коалицирале со ДУИ не бил законот за јазици туку СЈО.

„Кажете што содржи законот за јазици, дајте да го видиме. Има луѓе во ДУИ кои зборуваат дека СДСМ целосно ја прифатиле платформата. Доста се покривате со ВМРО ДПМНЕ ние не сме виновни што во Тетово нема водовод”, одговори Илија Димовски. Вчера претседавачот Трајко Вељаноски ја прекина седницата во 18 часот, иако пратеникот од СДСМ, Оливер Спасовски, побара седницата да трае сè додека не се исцрпи дискусијата.

За да не се кочи изборот за претседател на Собранието, вчера пратениците на СДСМ побараа што поскоро да се изберат членовите на комисијата и претседател на Собранието. Тие, заедно со ДУИ, поднесоа кандидатура потпишана од 20 пратеници за Талат Џафери да биде претседател на Собранието. Беса не се приклучи на оваа кандидатура. Од СДСМ и денес изјавија дека остануваат на предлогот за избор на Џафери, кој веќе е поднесен во Собранието и повторуваат дека ќе ги искористат сите законски можност за да се деблокира неговата работа.

СДСМ заедно со ДУИ и Алијансата за Албанците имаат вкупно 62 пратеника, односно мнозинство за избор на Џафери.

You may also like...

Sorry - Comments are closed