Порака од ЕУ: На Македонија итно и се потребни влада и стабилност

TUSK

Претседателот Иванов треба да преземе одговорност и, според резулатот на изборите, да овозможи формирање влада во Македонија. На ЕУ и е потребна стабилна Македонија со стабилна влада која ќе може да се бори со сите предизвици помеѓу кои е бегалската криза.

Ова е пораката и апелот што првиот човек на ЕУ Доналд Туск ќе му ја пренесе на Иванов во понеделник на нивната средба, дознава НОВА од извори во Европскиот совет во Брисел.

Актуелната криза и фактот што во Македонија нема влада (сегашната влада е во заминување) не и ја олеснуваат работата на ЕУ. Па така Туск ќе го замоли Иванов да го почитува Уставот на Македонија и да му го даде мандатот на парламентарното мнозинство. Сето тоа треба да ги увери и граѓаните и ЕУ дека земјата е стабилна, дека односите со ЕУ се одмрзнуваат и дека се враќаме на европскиот пат.

“Во Македонија постои ризик за нестабилност. На земјата и е итно потребна влада и согласност помеѓу сите политички актери за реформи”, вели нашиот извор во Брисел.

Следната недела Туск патува за Словенија, Бугарија и Грција за да разговара за бегалската криза и балканската рута. Во почеток патувањето во Македонија не беше планирано. Балканската тура на Туск е планирана за мај кога тој ќе оди во Србија, Албанија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина и тука требаше да се најде и Македонија.

Но македонската политичка криза го натера Туск да ја смени агендата да дојде во Скопје во понеделник.

Според европски извори, акцент ќе биде ставен врз мигрантската криза, регионалната соработка од овој аспект и заштитата на границите на ЕУ. Но, соработката со Македонија во мигрантската криза не може да биде ефикасна доколку нашата земја покажува знаци на нестабилност.

Македонија е првата земја “на удар” во која влегуваат мигрантите кои преку Грција сакаат да одат во другите земји на ЕУ. Оттука, ЕУ би сакала да испрати посебна оперативна и техничка единица која би работела токму на заштитата на европската но истовремено и македонската граница но би помагала доколку дојде до хуманитарна криза.

Во Европскиот совет во Брисел велат дека ова не значи дека се очекува нов бран на мигранти и бегалци. Договорот помеѓу ЕУ и Турција функционира и покрај кризата во турско-европските односи.

Сепак, европската логика вели дека е подобро е да се спречува отколку да се лекува, па така овие планови се превентивни. И токму тука на ЕУ и е потребна стабилна Македонија со стабилна влада. Актуелната политичка ситуација е неизвесна и не гарантира ефикасна регионална и европска соработка.

Советот на ЕУ во март донесе одлука со која на Фронтекс, европската агенција за заштита на копнените и морските граници на ЕУ, треба да му се дозволи да води операции во соседните трети земји со претходна дозвола од властите на третата земја.

Помеѓу овие земји се наоѓаат Србија и Македонија кои најмногу страдаа за време на бегалската криза во 2015 година. ЕУ сака да отвори преговори со нас и со Белград за испраќање на оваа оперативна и техничка гранична операција.

Засега не се планирани средби на Туск со други политичари. Во неговиот кабинет велат дека неговиот распоред ќе биде финален дури во утре вечер. Тогаш ќе се знае дали Туск ќе излезе пред новинарите да даде изјава и да одговори на нивните прашања.

Туск нема да оди во Србија поради изборите кои таму се одржуваат во недела.

You may also like...

Sorry - Comments are closed

Send as Kolumns





Full Name (required)

Your Email (required)

Category (required)

Upload File (required: .txt, .doc, .docx)

Captcha (required)
captcha