Пари за проблемите на Ромите на Балканот ќе се бараат и во државните буџети и од донатори

ROMI TIRANA

Министрите кои ја покриваат социјалната сфера во повеќе балкански држави, вклучително и на Турција, на конференција во Тирана денеска се договорија за решавање на проблемите на Ромите да се издвојуваат дополнителни средства од националните буџети, но и од други донатори.

На регионалната министерска конференција во организација на Регионалниот совет за соработка (РCC) и албанските власти, се зборуваше пред се за мерки за решавање на станбеното прашање и вработувањето на Ромите.

Република Македонија смета дека инклузијата на Ромите е дополнителна вредност во општеството и дека во таа насока има простор за дополнителни буџетски планирања – рече на конференцијата министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

Таа појасни дека Министерството со Светска банка во 2018 година ќе работи на реформа на системот на социјална заштита и подобро распоредување на средствата за намалување на сиромаштијата, не само на малцинствата, туку и за сите граѓани на Република Македонија.

Генералниот секретар на РCC, Горан Свилановиќ, потсети на мега истражувањето „Балкански барометар 2017 година“, според кое 16 отсто од анкетираните големи бизнисмени на Балканот не би ги вработиле Ромите без оглед на нивната стручност, а 19 отсто не се сигурни.

Освен тоа, 55 отсто од бизнисмените сметаат дека вработувањето на Ромите негативно ќе се одрази на продажбата на стоки и услуги и на работната атмосфера во претпријатието. Вакавите гледишта и ставови треба да бидат променети, истакна Свилановиќ.

You may also like...

Sorry - Comments are closed