Официјално стартува процесот за Брегзит

BRITANIJA

Лондон го активира Членот 50 од Лисабонскиот договор со што Обединетото Кралство официјално го стартува процесот за Брегзит. По неколкудецениски соживот, Брисел и Лондон се соочуваат со неизвесна иднина и нови предизвици.

Со активирање на членот 50 од Лисабонскиот договор, Обединетото Кралство го стартува процесот за излез од европското семејство, изгласан на ланскиот референдум за Брегзит.

Одлуката беше потпишана од премиерката Тереза Меј, а писмото ќе му биде предадено на претставникот на Велика Британија во ЕУ Тим Бероу. Меј порача дека целта е Британија да биде земја со привилегии за сите, потенцирајќи дека во преговорите ќе бидат застапени интересите на сите жители, вклучувајќи ги и државјаните од ЕУ кои живеат во Британија. Поранешниот лидер на десничарите кој лобираше најгласно за излез од блокот, најави дека ќе си замине од земјата ако Брегзит не успее. Според него, Брегзит беше неизбежен зашто Унијата нема да опстане уште долго.

„Вистинска катастрофа е мигрантската криза и непријатниот однос меѓу некои земји-членки на ЕУ. Катастрофа е што ЕУ нема да преживее“, изјави Најџел Фараж, поранешен лидер на УКИП.

Оптимист е и државниот секретар Хемонд кој гледа решение во балансот меѓу двете страни.

„Сите преговори се однесуваат на давање и на земање од двете страни за да го извлечеме најдоброто и за Британија и за партнерите од Унијата. Верувам дека со состаноците во изминативе девет месеци успеавме да постигнеме доволен степен на согласување за ова прашње“, вели Филип Хемонд, државен секретар на Британија.

Преговорите за Брегзит треба да почнат во мај или најдоцна до средината на јуни и се очекува да траат најмалку две години. Претходно, на 29-ти април ќе биде организиран Самит на земјите членки на ЕУ, без Британија, на кој ќе биде определен мандатот на Европската комисија за преговорите со Лондон.

You may also like...

Sorry - Comments are closed