Омраза и антициганизам во Бугарија

BUGARIJA

Бугарскиот вицепремиер Валери Симеонов е осуден поради говор на омраза против Ромите. Меѓутоа, тој поради тоа не мора да ја напушти функцијата. Прерасудите кон Ромите се широко распространети во Бугарија.

Општинскиот суд во Бургас го осуди вицепремиерот Валери Симеонов поради говор на омраза против Ромите во земјата. Од една страна, бугарските судови досега многу колебливо реагираа кога стануваше збор за говор на омраза против Роми, а истовремено во Бугарија досега воопшто не е осуден ниту еден вицепремиер, а за осуден за ваков вид деликт и да не зборуваме.

Двојна премиера во земјата. Владата досега не излезе со реакција, а Симеонов си ја задржа функцијата наспроти протестите на единаесет ромски организации. Симеонов само соопшти дека ќе се жали на судската одлука.

Пресудата е донесена за говорот во бугарскиот парламент на 17 декември 2014 година. Тогаш, 62-годишниот политичар, бизнисмен и медиумски могул за Ромите рече: „Тие се дрски, подивени човеколики суштества кои бараат плата без работа и земаат пари од здравствени фондови, а не се болни. Добиваат додаток за деца кои на улица си играат со свињи и за жени кои живеат со инстинкт на улични кучки.“

Судот во Бургас, каде инаку е изборната единица на Симеонов, утврди дека оваа изјава го крши законот против дискриминација и се третира како подбуцнување против ромското малцинство. Вакви изјави, се вели во образложението на пресудата, „создаваат непријателска, понижувачка, клеветничка и навредувачка атмосфера, од која погоден може да се чувствува секој припадник на Ромите“.

Тужбата ја поднесоа двајца новинари Роми – Кремена Будинова и Огњан Исаев. Тие категорично одбиваат пари, па Симеонов мора само да запре со инкриминирачкото дело и во иднина да се воздржува од такво нешто.

За адвокатката Маргарита Илиева, која ги застапува двајцата тужители, а истовремено е задолжена и за делот на правото и законите во програмата на Хелсиншкиот комитет на Бугарија, пресудата во прв ред е голем успех за судот.

Според Илиева, судот ја докажал својата независност и тоа во политичко опкружување „кое е полно со расистички предрасуди од најлош вид“. Во изјавата дадена по пресудата, адвокатката потсетува дека Симеонов е не само вицепремиер, туку и раководител на Советот за интеграција на етничките малцинства.

You may also like...

Sorry - Comments are closed