Објавен конкурс за стипендии за ученици Роми запишани во средните училишта во 2017/18 година

СТИПЕНДИИ

Министерот без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во Република Македонија, Самка Ибраимоски денеска на прес-конференција истакна дека вчера е објавен конкурсот за доделување стипендии во пет категории за ученици Роми запишани во прва, втора, трета и четврта година во јавните и приватните средни училишта за учебната 2017/2018 година.

Станува збор за 752 стипендии кои ги доделува Министерството за образование и наука со финансиска поддршка од Ромскиот образовен фонд од Будимпешта за учебната 2017/2018 година, од кои 353 се предвидени за средношколци Роми корисници на стипендии од учебната 2016/2017 година кои го задржале просекот од минимум 3.00 во четири категории.

– Во првата категорија се доделуваат 107 стипендии за талентирани средношколци Роми за постигнат успех од 4.50 до 5.00 во висина од 2.200 денари месечно. Во втората категорија се доделуваат 155 стипендии за постигнат успех од 3.50 до 4.49 во висина од 1.500 денари месечно, во трета категорија – 74 стипендии за постигнат успех од 3.00 до 3.49 во висина од 1.000 денари месечно и во четврта категорија 17 стипендии за ученици со посебни образовни потреби со успех од најмалку 3.00 во висина од 1.000 денари, рече Ибраимоски.

Триста дваесет и девет стипендии се доделуваат на средношколци Роми од јавните и приватните средни училишта кои не биле корисници на стипендија во учебната 2016/2017 година. Тој посочи дека 70 стипендии се доделуваат во петтата категорија на средношколци Роми од пет општини Шуто Оризари, Прилеп, Куманово Тетово и Штип од јавните и приватните средни училишта во висина од 600 денари по ученик за постигнат успех од 2.00 до 2.99 во последната учебна година.

– Сите апликанти треба да достават: барање за стипендија, оргинал пријава за стипендирање на средношколци, оргинал потврда дека е редовен ученик во учебната 2017/2018 година, заверена фотокопија кај нотар од свидетелство од последната учебна година на школување, изјава дека кандидатот не е корисник на друга стипендија, изјава дека е припадник на ромската етничка заедница, копија од уверение дека е државјанин на РМ, согласност за користење лични податоци, копија од трансакциска сметка од банка на име на ученикот, согласност за копирање на неговата лична карта и копија од лична карта на еден од родителите/старател за учениците кои аплицираат, рече Ибраимоски. Ненавремената и некомплетната документација, појасни, нема да се раазгледува и нема да влезе во конкуренција со останатите кандидати кои аплицирале. Тој ги повика сите кои ги исполнуваат условите на конкурсот да се пријават и да достават навреме комплетни документи во МОН.

You may also like...

Sorry - Comments are closed