Новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ ќе се избира на 22-ри и 23-ти декември

GRUJO

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски пред Централниот комитет поднесе неотповиклива оставка. Партијата на вонреден конгрес на 22-ри и 23-ти декември во Валандово ќе избира нов претседател. Груевски истакнал дека оставката ја поднесува како морален чин, преземајќи ја одговорноста за поразот на локалните избори и покрај сите фактори кои влијаеле…

Оставката ја поднесувам како морален чин, бидејќи е природно човекот во кој сите имаат најголема доверба врз себе да ја преземе одговорноста за поразот и покрај сите фактори кои влијаеле- вака пред членовите на Централниот комитет, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски ја образложил својата неотповиклива оставка од фунцијата.

Без разлика на фактот што анализите за изборните резултати се во тек, Груевски потенцирал дека локалните избори биле едни од најнерегуларните со притисоци, уцени, поткуп и заплашувања, но и разочараност меѓу дел од традиционалните гласачи на ВМРО-ДПМНЕ.

Неговата оставка од сопартијците во Централниот комитет била прифатена од втора, бидејќи во првото гласање не било постигнато двотретинско мнозинство, па Груевски дополнително образлагал дека не станува збор за гласање „за или против него“.

Центалниот комитет најостро го осудил политичкиот прогон и монтираните обвиненија за измислен тероризам. Било заклучено дека сите притворени мора безусловно да бидат ослободени и конструираните обвиненија против нив да бидат повлечени.

Нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ треба да се избере за две недели на Конгресот во Валандово. За кандидатура е потребна подршка од најмалку 30 делегати. Кандидатурите треба да бидат поднесени најдоцна до 21-ви декември.

You may also like...

Sorry - Comments are closed