Лидерите на Г7 во Италија: „Русија внимателно да размисли за тоа што го прави“

G7

На средбата на министрите за надворешни работи на членките на Г7, која денес и утре се одржува во италијанскиот град Лука, најверојатно ќе доминираат прашањата за сѐ поагресивната Северна Кореја, како и улогата на Русија во Сирија.

Меѓународните тензии пораснаа минатата недела, кога американската војска бомбардираше сириска воена воздухопловна база, против што се побуни Русија, сојузничката на сирискиот претседател Башар Ал Асад, како и Северна Кореја која тоа го претстави како оправдување за својата нуклеарна програма.

Рускиот претседател Владимир Путин, чија држава беше суспендирана од групата Г8 откако во 2014 година го анектираше Крим, американскиот напад го нарече „агресија врз суверена држава“, пренесуваат руските државни медиуми.

Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон, кој по средбата на Г7 ќе се сретне со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, истакнал дека е време „Русите вимателно да размислат за својата поддршка на режимот на Асад“, соопшти висок функционер на Стејт департментот.

Италија како домаќин на средбата на Г7 севернокорејската „алармантна експанзија на балистички и нуклеарни системи“ ја нарече загрижувачка, додека Велика Британија веќе најави дека ќе бара воведување нови, поостри санкции против Русија.

Г7 ја сочинуваат Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и Соединетите Американски Држави, а на средбата ќе присуствуваат и претставници на Европската Унија.

You may also like...

Sorry - Comments are closed