Извештај на ЕУ: Ромите сè уште живеат во тешки услови

ROMI EVROPA

Осумдесет проценти од вкупно 34.000 Роми анкетирани во девет земји-членки на Европска унија, се изложени на опасност од сиромаштија, а земјите-членки не успеваат да го интегрираат тоа малцинство, покажуваат резултатите од истражувањето на Агенцијата на ЕУ за основните права (ФРА).

Според извештајот за 2016 година приближно една третина од анкетираните Роми живеат без вода во домовите, а 46 отсто немаат тоалет, туш или бања во домот.

– Маргинализацијата и дискриминацијата на најголемото малцинство во Европа е сериозен неуспех на законот и политиката на ЕУ и нејзините земји-членки – изјави директорот на Агенцијата Мајкл О’Флахарти.

Анкетата покажува дека една третина од ромските деца барем еднаш месечно легнуваат гладни, а 50 проценти од Ромите на возраст од шест до 24 години не посетуваат училиште. Околу 40 отсто од анкетираните изјавиле дека се чувствуваат дискриминирани кога бараат работа, домување, здраствена заштита и образование.

Во извештајот е нотирано извесно подобрување во споредба со положбата на Ромите во 2011 година, кога беше реализирана претходната анкета на Агенцијата.

Агенцијата на ЕУ за основните права потенцира и дека сè уште е присутна голема сиромаштија на Ромите во Бугарија, во Чешка, во Грција, во Шпанија, во Хрватска, во Унгарија, во Португалија, во Романија и во Словачка.

You may also like...

Sorry - Comments are closed