Иванов до крајот на неделава ќе предложи двајца уставни судии

ИВАНОВ

Претседателот Ѓорге Иванов во согласност со своите уставни надлежности до крајот на неделата до Собранието ќе достави предлози за избор на двајца членови на Уставниот суд, потврдија од кабинетот на шефот на државата.

Засега нема предложено кандидат и за третото испразнето место, кое треба да биде пополнето по предлог на Собранието.

Од кабинетот на претседателот на Собранието велат дека се во комуникација со кабинетот на претседателот Иванов и ги чекаат имињата на предлог кандидатите за судии во Уставниот суд.

Претседателот Иванов треба да предложи кандидати кои ќе дојдат на местото на судијките Наташа Габер Дамјановска и Гзиме Старова, на кои мандатот им заврши во октомври годинава. Тие беа избрани за судии на Уставен на предлог на претседателот Бранко Црвенковски во 2008 година.

Судот во моментов работи без тројца судии. Покрај на Габер Дамјановска и на Старова, мандатот во август годинава му истече и на судијата Исмаил Дарлишта, кој во 2008 беше избран на предлог на собраниската Комисија за прашања на избори и именувања.

You may also like...

Sorry - Comments are closed