Заев: Нема платформи или декларации, туку програма на новата влада

ZAEV

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев по денешниот исказ во Основното јавно обвинителство, за предистражната постапка на институцијата раководена од Марко Зврлевски, говореше и за актуелната политичка ситуација, очекувањето на мандатот од претседателот Иванов како и составувањето на новата влада.

Одговарајќи на новинарско прашање, за тоа до кога може да се очекува нова влада, Заев вели работите не зависат само од него, туку од сите политичари заедно.

– Јас би сакал и на 20, на 21, на 22, дури и порано од тоа да има влада Република Македонија, но секако тоа прво значи закажување на седницата, избор на претседател на Собранието, допис до господинот Иванов, негова одлука кога ќе го даде мандатот. Јас, верувајте, како потенцијален мандатор, нема да дозволам да се трошат 20 дена за преговори за нова Влада. Ќе гледам максимално можно, доколку го добијам мандатот, да ги скратам сите овие рокови, потенцираше Заев. Според него, Претседателот на државата, поради две неразумни причини за недоделување на мандатот ги измести сите процеси коишто треба да течат во нормален тек.

– Со целосно право, како човек и партија позади коишто стојат 67 потписи на пратеници, имам право да очекувам да биде доделен мандат за да направиме обид да формираме Влада. Можеби нема да успееме, но господинот Иванов одлучи тоа право да не го дозволи, објаснувајќи преку две причини. Мудроста, присебноста и толеранцијата не ставија во позиција да имаме разбирање, дури и кога се неразумни ваквите причини којшто ни се дадени. Гледате дека презентиравме програма на новата Влада, за да докажеме дека нема веќе појдовни основи, програми на политички партии, платформи, декларации или изјави, туку има ништо повеќе, ништо помалку – програма на идната Влада на Република Македонија, којашто во својата преамбула има заштита и унапредување на унитарноста на државата, уставниот поредок на Република Македонија, и нашите приоритетни цели, ЕУ и НАТО, рече Заев.

Коментирајќи ја неодамнешната изјава на Зијадин Села околу која се разбрани јавноста, лидерот на СДСМ потенцираше дека секогаш изразува негодување за изјави провоцираат одреден немир кај граѓаните, без разлика од која страна доаѓа.
– Јас сум политичар кој верува дека на Македонија и треба процес кој ќе доведе до нормализирање на состојбите и симнување на сите грижи кои ги имаат граѓаните, а со тоа секако и да ја дефинираме иднината на Македонија. Можам да апелирам до сите да внимаваат на изјавите, затоа што и така времето во кое живееме е економски тешко, неизвесност има кај секое семејство кај секој граѓанин и дополнителни провокации не му требаат никому. Ние сме граѓани на оваа наша земја. Можеби припаѓаме на различни етнички заедници во Македонија, но токму ние мора да водиме грижа за Република Македонија, рече Заев.

You may also like...

Sorry - Comments are closed