Заев: Македонија час поскоро да тргне кон ЕУ

ZAEV

Премиерот Зоран Заев по средбата со евроамбасадорот Самуел Жбогар во Владата изјави дека се надева на што побрзо тргнување на условената препорака за членство во ЕУ. Тој најави спроведување на реформите и посветеност на сите од Владата со цел да се овозможи надеж за започнување на преговори за членство на Македонија во ЕУ. Тоа според него, зависи и од спорот со името, но Владата, како што истакна Заев ќе работи во тој правец за час поскоро придвижување на процесот.

„Ќе направиме се да ги исполниме очекувањата на ЕУ за да имаат доволно причини да ја тргнат условената препорака. Договараме средба со еврокомесарот Јоханес Хан и тој да ги каже неговите очекувања од новата Влада. Едно од барањето беше исполнето, а тоа беше спроведување на избори. Имавме кредибилни избори и излегуваме од политичката криза. Останува спроведување на реформите. Ние сме посветени на процесите за час поскоро да се придвижат работите“, рече Заев.

Жбогар порача дека сега Македонија има функционален Парламент и Влада и тоа им дава верба дека земјата излага од кризата и дека може да гледаат на иднината со оптимизам.

„Вчера Вардар даде голем оптимизам кај луѓето во земјата и сега е време да се започне со вистинската работа и спроведување на реформите. Ние сме подготвени да помогнеме да дадеме насоки затоа што на секоја Влада треба да и се помогне во процесот. Сите политички партии и граѓани треба да бидат вклучени во процесот“, порача Жбогар.

Заев најави и дека за десетина дена ќе излезат со предлози за заменици министри во Владата, а се разговара и за експертите кои ќе бидат ангажирани.

You may also like...

Sorry - Comments are closed