Заев: Вредеше борбата, бидејќи Македонија е сè што имаме

ЗАЕВ

Нека ни е честита и вечна слободата. Имавме предизвик да организираме избори. Еве ја слободната волја на граѓаните. Тоа сите го дочекавме. Им честитам на сите граѓани. Јас сум горд човек што живеам во времето кога во Македонија имаше фер, демократски и слободни избори. Со слободна волја народот прати порака, даде поддршка на едно општество за сите, за раст на економијата во Македонија, рече ноќеска пред зградата на Владата на Македонија, лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

– Дозволете, според тоа што го знам, да ви кажам каде сè победивме. Победивме во Ѓорче Петров во првиот круг, во Карпош, Центар, Аеродром, Шуто Оризари и чекаме дали ќе победиме во Кисела Вода, Бутел и Гази Баба. Но, сигурно е дека ние сме фаворити. Продолжуваме понатаму. Победивме во Арачиново и Зелениково. Во Куманово, Ранковце, Крива Паланка, Кратово, Кочани, Пехчево, Делчево, Берово, Конче, Радовиш, Василево, Босилево, Ново Село и во мојата Струмица. Победивме во Валандово, Богданци, Дојран, Гевгелија, Демир Капија, Неготино, Лозово и во Велес. Победивме во Прилеп, со 12.000 гласа разлика во Битола, во Ресен, Охрид, Дебарца, Вевчани, Јегуновце, Крушево, Каменица – рече Заев.

Тој објасни како стојат во Скопје. Од 685 гласачки места даде податоци за 469, остануваат уште 216. За Шилегов гласале 75.626 граѓани, а 53.821 за Коце Трајановски.

– Најважно е што граѓаните победија. Им порачувам на советниците и градоначалниците дека ерата на локални шерифи заврши. Обврската сега е поголема. Во Македонија има живот за сите. Сега нема изговор. Засукуваме ракави за сите граѓани во нашата убава Македонија. Народот тоа го заслужува. Заедно сме сплотени во едно општество за сите, само сплотени и Македонија ќе оди напред. Им порачувам на сите носители на функции, внимателно да си го слушаме народот. Ветивме ќе бидеме сервис на граѓаните, како тие ќе диктираат, ние ќе работиме. Има да има правило, има да има транспарентна власт. За тоа нè задолжија сите. Радоста е голема, но одговорноста е поголема. Вредеше борбата и жртвата, вредеше заради нашата Македонија. Вечерва да прославиме, од утре одговорно и посветено да работиме. Ние сме одговорна власт пред сите граѓани. Има да работиме за сите граѓани. Македонија е на сите, сите општини се важни. Во вториот круг со почит кон граѓаните. Очекувам секаде да победиме, но со секој наш чекор покажуваме кои сме. Имаме право да се веселиме после низа години. Нека се радува и весели вечерва Македонија. Македонија моја доаѓаат добри времиња за тебе, бидејќи ти си сè што имаме. Нека ни е вечна добрата иднина, за секоја општина, да живее Скопје да живее Македонија – изјави Заев.

You may also like...

Sorry - Comments are closed