Заев: Ајде во акција на 15 октомври, за слободни општини, за среќна Македонија

ZORAN ZAEV

Денеска во Скопје се одржа голем граѓански митинг на кој претседателот на СДСМ, Зоран Заев и кандидатот за градоначалник, Петре Шилегов се обратија кон граѓаните.

„Оваа глетка ми потврдува, на 15 октомври граѓаните тргнуваат во нова акција за слободни општини во Република Македонија! Вие сте тие кои ме правите среќен. Ако јас ве правам среќни, тогаш ајде заедно да се погрижиме среќно да го направиме и Скопје и сите општини во нашата држава. Ајде заеднички да ја направиме среќна Република Македонија. “ со оваа порака претседателот на СДСМ, Зоран Заев го започна своето обраќање на граѓанскиот митинг на СДСМ и коалицијата којшто се одржа денеска во главниот град.

Тој изрази силно уверување дека нема да ја изневери довербата на граѓаните и повторно ја побара поддршката на граѓаните.

„Денес, повторно стојам пред вас да ја побарам поддршката заедно да ги заокружиме промените. Да ја ослободиме Македонија од остатоците на режимот кој ја опустоши! Да стигне слободата и можноста за подобар живот во секое село, во секој град, во секое катче од нашата татковина.“ посочи Заев.

За таа цел, како што истакна Заев се здружија 22 политички партии од сите политички групации, за да се изградат општини и градови кои ќе работат за граѓаните, кои ќе ги поврзуваат граѓаните. Претседателот Заев зборуваше за рационалното работење на новата влада во интерес на граѓаните и посочи дека заштедените 45 милиони евра од непродуктивни трошоци завршија во вистинските раце, кај граѓаните, за повисока плата, за финансиски надоместок на стечајните работници, за воведување на дневна евтина тарифа на струјата, за укинување на радиодифузната такса.

„Еве и зошто сме различни од оние другите: Вечерва ви најавувам, ќе го вратиме Тенкот, мерцедесот на Груевски од 600.000 евра, и со парите од неговата сегашна вредност ќе набавиме амбулантни возила за клиниките во Македонија. Нека биде ова симбол на новото време во кое ставаме крај на расипничкото трошење и воведуваме социјални политики согласно потребите на граѓаните!Со 200.000 евра што ги заштедивме последните неколку денови, од нивните пусти реклами и блесави трошоци набавивме 20 инкубатори за новороденчиња!“ соопшти претседателот Заев.

„Градиме општини кои ќе работат за вас. Општини што ќе поврзуваат. Градиме општество за сите! За граѓаните подеднакво, во нашата заедничка Македонија. Кога велам општини кои работат за вас, подразбирам тие да бидат места за живеење по ваша мерка.“ потенцираше претседателот Заев.

You may also like...

Sorry - Comments are closed