ДУИ и Беса изборната кампања ја почнаа од Скопје и од Тетово

DUI I BESA

Албанските политички партии ДУИ и Беса денеска, на првиот ден на изборната кампања, во Скопје и во Тетово ги промовираа кандидатите за градоначалници на престојаните локални избори закажани за 15 октомври.

ДУИ во Скопје одржа партиска конвенција, на која се обрати лидерот Али Ахмети. Тој ги повика кандидатите да водат достоинствена кампања, да имаат конкретни ветувања и да се залагаат за доброто на граѓаните. Тој рече дека програмата на ДУИ предвидува уште повеќе проекти на локално ниво.

– Чекорите кои се направени се за поздравување, во насока на иницијативи или почеток на работите за прочистување на отпадните води или рециклирање на отпадот во градовите и во населените места. Сè уште има места каде е потребно нашето присуство, нашиот ангажман, нашата мобилизација и нашиот пристап – изјави Ахмети.

Движењето Беса изборната кампања ја започна од Тетово, од каде што се обрати претседателот на партијата, Билал Касами, кој ќе биде кандидат за градоначалник на оваа општина. Касами ги потсети граѓаните дека е дојдено времето да бидат казнети со гласови тие што го задушувале и му го загубиле достоинството на Тетово.

– Сите проекти што ги нуди Беса ќе бидат за Тетово со достоинство, Тетово со чист воздух, отворени и богати улици, за Тетово кој го заслужува епитетот Тетово – Град на универзитети, цивилизирано Тетово, за урбан и здрав живот– изјави Касами.

You may also like...

Sorry - Comments are closed