Битола не е единствен град, кадешто постои сегрегација врз ученици Роми

СЕГРЕГАЦИЈА

Редакцијата на Гласник разговараше со Несиме Салиоска, активистка а воедно и директорка на организацијата Рома С.О.С. од Прилеп, која е членка на Мрежата за заштита од дискриминација. Таа е долгогодишна активистка за права и еманципација на ромите во Македонија.

Според Салиоска, проблемот со можната сегрегација на не-ромските граѓани во Битола, е одраз на недоследната примена на одредбите за реонизација при упис на првачиња. Таа смета дека, етнички чистите паралелки и трендот на отпишување и избегнување на тоа училиште го докажуваат фактот дека, постои тенденција на сегрегација.

„Друга причина е незадоволството од квалитетот на наставата, односно учиниците и во шесто или седмо одделние не успеваат правилно да пишуваат и читаат и заминуваат од училиште без домашна задача.

Дополнително ваквата сегрегација ја загрозува безбедноста на учениците, што е потврдено со неколкукратните јавни огласувања на говор на омраза насочен кон учениците од ромската заедница. Графитите „Смрт за ѓупци. Умрете Ѓупци“ со кои осамна училиштето на ден 19.01.2017 година или непосредно пред стартот на второто полугодие е најевидентен пример за истото“, вели Салиоска.
Таа потенцира дека, Битола не е единствениот град во кој се видливи тенденции на сегрегација од страна на не-ромското население кон ромите.

„Ваква тенденција освен во општина Битола од наша страна е идентификувана и во општините Прилеп (ООУ „Добре Јованоски“) и Штип (ООУ „Гоце Делчев“), односно во оние три општини кои после Шуто Оризари се најголеми по бројност на ромско население. Реонизацијата и во овие две општини не се почитува, при што родителите на учениците не-роми во голем дел одлучуваат да ги запишат во друго училиште“, истакнува Салиоска.

Отворањето на средното училиште во Шуто Оризари во кое ќе учат само роми, некои од граѓанските ромски организации го сметаат за чин на сегрегација. Организациите сметаат дека, доделувањето на ромските средношколци од средношколците од другите скопски населби може да предизвика контра ефект, во чинот на културна размена и инклузија. Ставовите на Салиоска се движат во иста насока околу идејата за училиште во коешто ќе учат само ученици роми во Битола.

„Апсолутно не, од причина што таквата сегрегација е спротивна на државната заложба за социјална инклузија на ромите во Република Македонија. Креирањето на чисто етнички средини и чисто етнички училишта е спротивно на определбите за соживот и промоција на мултиетничкото општество“, потенцира таа.
Салиоска смета дека, потенцијално решение во овој случај е десегрегација и оти, државата и институциите на системот ги имаат конците во свои раце.

„Да се десегрегираат основните училишта како во Битола, така и во другите спомнати општини, односно да се ревидираат општинските планови за реонизација во однос на уписот во основните училишта, да се донесе одлука за почитување на реонизацијата од страна на основните училишта и доследно да се следи нејзината примена преку редовен инспекциски надзор од страна на Државниот просветен инспекторат“, заклучува Салиоска.

You may also like...

Sorry - Comments are closed