Бездомникот Демиров е опериран-ампутирана му е едната нога

МУАРЕМ

Марем Демиров, бездомникот кој три пол месеци помина во Психијатриската болница во Бардовци чекајќи на хируршка интервенција, доцна синоќа е опериран. Вратите за него овој пат ги отвори Градската општа болница „8 Септември“, од каде за НОВА потврдија дека на Демиров му е ампутирана едната нога до под колено, а на другата лекарите процениле дека не треба да се интервенира бидејќи раната веќе е засушена.

„Операцијата помина добро, Демиров е во стабилна состојба. Ампутирана е само едната нога до под колено. Тој ќе остане тука уште ден, два, а за некое време треба да дојде само да се извадат конците“, потврдија за НОВА на хируршкото одделение во болницата „8 Септември“.

По ова, Демиров најверојатно ќе биде вратен назад во Психијатриската болница. Во меѓувреме, за него се бара начин да биде згрижен во некоја социјална установа. Во Министерството за здравство потврдија дека се во интензивни преговори со Министерството за труд и социјала каде да биде сместен Демиров, за што дополнително ќе ја известат јавноста.

Сето ова се случува, откако НОВА објави дека институциите го заборавија бездомникот во Психијатриската болница во Бардовци иако ветија дека ќе биде опериран и згрижен на геријатрија.

На почетокот на јуни екс директорот на Клиниката за торакална хирургија Зоран Спировски и министерот Арбен Травари ветија дека Демиров ќе биде опериран на клиниката, но наместо тоа од торакална со возило на брза помош бил однесен во болницата во Бардовци. Таму пак, се изјаснија дека Демиров не е психијатриски случај и дека му треба интервенција заради гангрената на стапалата која ја добил од смрзнатост.

You may also like...

Sorry - Comments are closed